Хартија: 30 х 20 см., 276 листа. По л. 248 недостасува 1 лист, т.е. од зачало M до зачало МБ; по л. 250 недостасуваат повеќе листови, т.е. од зачало МГ до зачало НГ; по л. 251 недостасуваат повеќе листови, т.е. од зачало НГ до начало НЅ. На л. 22 оштетени се долните два агли од маргините. На л. 250 оштетени се горниот десен агол и долниот лев агол на маргините. На л. 251 недостасува горниот десен агол. Од л. 252 има само мал остаток.

Писмо: По 21 ред, во една колона, освен во почетокот во предсловието по 28 реда, т.е. 23 реда на првата страница. На л. 4, 81‛ и 132‛ има текст од друга рака. Текстот е пишуван на празните страници од истиот ракопис само подоцна. Ракописот е пишуван со прекрасен крупен полуустав од XVI век. Српска редакција, ресавски правопис, големиот ер (ъ) во предлозите и префиксите, а малиот ер (ь) обично на крајот од зборот, но недоследно. Се употребува ѕ на пр. кнеѕе, ѕвѣзда, ѕѣло, смїе и др. Има акценти, спиритуси и кендема. Од интерпункцијата има точка. Заглавијата и позначајните места во текстот напишани се со црвено мастило, а останатиот текст со црно.

Водени знаци: „Сидро во еден потег во круг со тролист одозгоре“ со контрамарка С-В ор последната четвртина на XVI век. „Сидро во еден потег во круг со тролист одозгоре“ со контрамарка Ѕ-I на тролистот.

Орнаментика: Богата. На л. 1: плетенка со чашка во средината и листови од страните. Плетенката е цртана со црвена, сина, кафена и зелена боја. На л. 5: широко знаменце со плетеници и четири квадрати секој поделен на четири триаголници, од страните со форми од растителни елементи со црвена, сина, златна и зелена боја. Почетната буква К на истата страница богато илустрирана т.е. иницијална. На л. 82: широко знаменце од балкански тип со плетени кругови, нацртано со црвена, сина, златна и зелена боја. На л. 133: широко знаменце од балкански тип ,испреплетени кругови, нацртано со црвена, сина, златна и зелена боја. Првата почетна буква П на истата страница е богато илустрирана. На л. 214: големо знаменце од балкански тип на правоаголна форма врамено, внатре плетеница со црвена, сина, златна и зелена боја. На истата страница почетна буква В богато илустрирана. Заглавијата на четирите евангелија се напишани со големи букви со доза на иницијалност.

Повез: Оригинален, штица обложена со темно кафена кожа. Во кожата има втиснат орнамент во форма на правоаголник со разни украсни мотиви и со крст во средината.

Содржина: Четвороевангелие.

Потекло: Ракописот е најден во Струга.

Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје