Хартија: 29 х 18 см., 314 листови. Размер во текстовното поле 21 х 14,5 см. Тетратки по 8 листа, пагинирани со кирилски бројки во почетокот и на крајот од секоја свеска. При подврзувањето во XVIII век доста е пореметена оригиналната кирилска пагинација. Хартијата не е многу дебела. Листовите 1 и 314 се празни. Тие се додадени во XVIII век при подврзувањето и обновувањето на ракописот. Книгата е комплетна и добро зачувана.

Писмо: Од две раце. Прва рака од л. 2-8‛ и од 41-56‛, а останатиот текст е од втората рака. Кај двете раце по 31 ред во две колони. Писмото е уставно со полууставни елементи. Кај двете раце правописот е безјусов, со еден ер од рашката правописна школа, со широко є и ї пред вокали. Од надредните знаци многу ретко се среќаваат акцентни знаци, почесто кендемата за означување на должината. Интерпункцијата е изразена со точка. Насловите и почетните букви се црвени, а останатиот текст со кафено-црно мастило.

Водени знаци: „Два круга пресечени со стап“, „Крушка со два листа“, „Школка“, „Лак“, „Коњ“ и непознат знак во форма на „Рак“ на хартија од крајот од XIV век. „Три полумесечини“ на хартијата додадена при подврзијата во XVIII век.

Орнаментика: Орнаментиката е изразена преку иницијални почетни букви како на пр.: л. 3 „Г“, л. 3‛ „П“, л.14 „Б“ и „П“, л. 43 „В“, л. 109‛ „В“ и „Б“, л. 130 „П“ и „Ѡ“, л. 142 „С“ и „В“, л. 163 „В“, л. 164 „Т“, „С“ и „Р“, л. 194‛, 195 и 218 „Р“, л. 305 „С“. На л. 307 се наоѓа скромно тесно правоаголно знаменце со кругови и со гранчиња на четирите страни излезени надвор од правоаголното знаменце, и со крст на средината. Целото знаменце е направено со црвено мастило.

Повез: Две даски завиткани со орнаментирана кафена кожа. Има остаток од копчиња и ремчиња за закопчување. Повезот е од XVIII век.

Содржина: Празничен минеј за цела година.

Потекло: Ракописот е најден во црквата во с. Бенче - Поречие.

Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје