Хартија: 20,5 х 14 см., 378 листа. Ракописот е цел. Л. 1 и 2 (заштитени при подврзувањето, пред кориците) се од времето кога ракописот бил реставриран, од првата половина на XVIII век. Од исто време се и л. 77 и 80, кои биле вметнати наместо изгубените.

Писмо: На л. 1-244 по 22 реда, а од л. 245-378 по 24 реда. Пишувале две раце со писмо од ист тип и исто време; правописот е ист. Формите се типични за XVI век. Правописот е со силно влијание на Ресавската школа со ъ во предлозите и префиксите и употреба на ѕ (кнеѕе, ѕѣлѡ).

Водени знаци: „Сидро во круг со ѕвезда одозгора“ и со контрамарка Р-А како во Плеваљскиот ракопис. „Сидро“ од ист тип со контрамарка А-Р како во Дубровничките книги. „Сидро во круг со ѕвезда“, долните краци во двојна контура со контрамарка V. „Сидро од еднократен потег со ѕвезда одозгора“ и со контрамарка I-C како во ракописот на Музејот на Српската црква во Белград. „Сидро“ од ист тип со контрамарка С-С. „Глава од бик“ со иницијали А-В. На додадените листови 77 и 80 некој знак со крст одозгора и контрамарка G-M. На додадениот лист 1 однапред монограм С-М од XVIII век.

Орнаментика: На л. 3 знаменце од балкански стил - плетени кругови со флорални украси, во црвено-сина-жолта и бела боја; на л. 4: цртано црно-бело знаменце од балкански стил, молдавски тип со круни на флоралните стебленца. Во ист стил е и цртаниот иницијал Б.
Во првиот дел на ракописот - многубројни иницијали (на почетокот на секој псалм) со украсни извивки; во вториот дел од ракописот црвените заглавни букви се од обичен тип.

Повез: Штици во кожа од XVI век со жлебови на работ, реставриран во XVIII век.

Содржина: Псалтир со последование.

Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје