Хартија: 18 х 14 см., 147 листа. Ракописот има оригинална кирилска пагинација по кватерниони, обележани на првиот и осмиот лист од кватернионот. Содржи вкупно 20 кватерниони. Недостасуваат вкупно 13 листа и тоа: од првиот недостасуваат 2 листа, од третиот 1 лист, од осумнаесетиот 6 листа, од деветнаесетиот 1 лист и од двеасетиот кватернион недостасуваат 3 листа. Од л. 22 недостасува големо парче од горната десна страна, а од л. 135 недостасува горниот десен агол.

Писмо: Во почетокот до л. 22 има по 22 реда, а потоа по 21 ред сѐ до крајот на ракописот. Убав полуустав со облици од XVI век. Српска редакција со траги од ресавскиот правопис, ъ се употребува во предлозите и во префиксите, а на одредени места и на крајот од зборот. ь обично се сретнува на крајот од зборот. Се среќава ѕ (ѕвьздами, б(о)ѕе, ѕвѣрь) и др. Се јавуваат акценти и спиритуси. Интерпункцијата е изразена со точка, две точки и запирка. Насловите, иницијални и упатствата се црвени.

Водени знаци: „Сидро во круг со ѕвезда одозгора“ со контрамарка „ВА“; „Кардиналска капа“.

Орнаментика: Скромна. На л. 1 има тесно знаменце во вид на фриз, на десната страна оштетено. На л. 105‛ и 143‛ црвени плетенки. На л. 143‛ и 147‛ голема иницијална буква „В“. На л. 6‛, 25, 41 и 53 поголеми букви Ц, А, Д и В со доза на иницијалност.

Повез: Во време на опишувањето, ракописот нема предна корица, а задната распарталена од картон завиткан во тенка жолта кожа.

Содржина: Минеј за секој ден во годината, поуки за триод и др.

Потекло: Ракописот е купен од прота Боро Талевски од Прилеп.

Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје