Хартија: 27,5 х 21 см.; 149 листа. Недостасуваат целиот почеток до втора недела на Великиот пост и крајот, почнувајќи од канонот на утрена во петок - шеста седмица. Ракописот е многу трошен. Листовите се пожолтени од влага и гнили долу и од двете страни. Почнувајќи од л. 132 има дупка (разјадени се листовите), која понатаму се проширува на текстот, го зафаќа целиот долен агол, а почнувајќи од л. 139 недостасува левата страна од листовите. Од л. 99 останато е само парче од внатрешниот долен агол, а од последниот лист - само тесна одломка од средината на листот. Ракописот е реставриран во 1969 година.

Писмо: По 27 реда, устав со полууставни елементи. Македонска рецензија, според Ефтимиевиот правопис: ъ на фонетско место (съвръшена, въ плъть ѡблъкшасѧ), носовките: по правило (смѣренѫѧ, доушѫ моѫ); I пред вокали; широко в наместо IE. Насловите и заглавните букви се пишувани со црвено мастило. На листовите од 118‛-127, на горната маргина додадено е , со рака, во XVIII век: Акатись прѣсветие Бце.

Водени знаци: „Секира“.

Орнаментика: Црвени иницијали со флорални украси одоздола или со украсни топченца на стеблото и краците од буквите. Знаменцата се од геометриско-флорален стил. Л. 2 - мало знаменце во црвено-црна боја; л. 74‛ - црвено знаменце од типот на старинско свиткано гранче; л. 92 - тесна црвена плетенка со флорални додатоци на краевите.

Повез: Нов, од кожа додаден при реставрација.

Содржина: Посен триод.

Потекло: N/A

Локација: Архив на Македонија