Хартија: 10 х 6,5 см., 164 листови. По л. 1 недостасуваат повеќе листови, по л. 148 искинат 1 лист, по л. 162 недостасува 1 лист. На крајот недостасуваат повеќе листови од месецословот и тоа за јуни, јули и август. На л. 4 долната половина искината и дополнително залепена со неиспишана хартија. На л. 6 искинат горниот десен агол, на л. 131 искината десната половина. Од л. 115 - 116 нема текст освен неколку безначајни белешки направени во поново време.

Писмо: По 13 реда , полуустав, српска редакција, едноеров правопис. Малиот ер ь се среќава во предлошките и префиксните форми како и на крајот, а големиот ер ъ се среќава многу ретко. Десетричното ї пред вокалите, на пр. судїе их, безаконїе, живїих и др. Се употребува ѕ: ѕѣло, ѕверѥ, исъѕыждутсе, обѕѣживѣ и др. Од интерпункцијата се употребува најчесто точката, поретко запирката. Се среќаваат и четири точки во форма на крст особено во вториот дел на ракописот, т.е. во катавасијата и месецословот. Има акценти и кендема. Употребено е црно и црвено мастило. Со црвено мастило испишани се насловите, упатствата, позначајните места и почетните букви, а со црно останатиот текст.

Водени знаци: „Круна со девет заба“ и „круна со пет заба“. Контрамарките ме се добро отцртани и не се познаваат.

Орнаментика: На л. 37 тесно знаменце цртано со црно мастило, плетенка со растителни елементи. На л. 101‛ правоаголно знаменце нацртано со црно мастило на црвено поле, со растителни елементи. Се среќаваат почетни букви и наслови иницијални црвени со растителни елементи, гранчиња со цветчиња и др. декорации.

Повез: Оригинален, картон завиткан во кожа.

Содржина: Литургиски зборник.

Потекло: Ракописот е најден во с. Драчево - Скопско.

Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје