Хартија: 27,5 х 19 см., 10 листови. Л. 1 му е искината десната половина. На л. 2 искинат му е долниот десен агол.

Писмо: Во една колона по 26 реда, освен првата страница која има 20 реда. Писмото е полууставно. Редакцијата е српска. Правописот под влијание на Ресавската школа, Ъ се употребува во предлозите и префиксите, а ь многу ретко обично на крајот од зборот, ї пред вокали. Акцент има, но ретко и недоследно. Се среќава и кендема. Од интерпункцијата се употребува точка и две точки. Насловите и почетните букви се црвени.

Водени знаци: „Сидро во круг со тролист одзгора“, контра марка „В со тролист“ и „Сидро во круг без тролист“.

Орнаментика: На л. 1 знаменце со плетенки од балкански тип, нацртано со црвено и црно мастило. Од орнаментот е зачувана само едната половина, бидејќи листот е оштетен. Почетните букви се поголеми.

Повез: Нов, картон завиткан во скај.

Содржина: Фрагмент од Цветен триод Лазаревац, почетокот од Лазаревата седмица.

Потекло: Фрагментот е најден во с. Стенче - Тетовско.

Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје