Хартија: 30 х 21,5 см. 3 листа. Листовите се извлечени од цел ракопис.

Писмо: На л. 1 24 реда, 1‛ 26 реда, а останатите по 22 реда. Убаво полууставно писмо со форми од XVI век. Двоеров безјусов правопис. Еровите се употребуваат без правило. Во префиксите и предлозите покрај големиот ер се употребува и малиот ер. На крајот од зборот покрај малиот ер се употребува и големиот ер (на пр. вь немЪ и др.). Има вокализација на полугласот е. Употребено е Ѕ (Ѕьмїе). Од надредните знаци се среќаваат акценти и спиритуси. Интерпункцијата е изразена со точка и запирка. Насловите и иницијалите црвени, но има измешани и црвени и сини, а текстот со црно мастило.

Водени знаци: Сидро во круг со ѕвезда одозгора и контрамарка „Р-Ѕ“ со детелина внатре.

Орнаментика: На л. 1 насловот и почетната буква „ї“ иницијални, л. 3‛ буквата „Р“ иницијална.

Повез: Нема. Се чува во папка.

Содржина: Фрагмент од четвороевангелие

Потекло: Фрагментот го подари на НУБ „Св. Климент Охридски“ Алексоска Ратка од Кичево. Најверојатно листовите се од Кичевското четвороевангелие што се чува во Историскиот архив во Охрид под сигнатура М 296.

Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје